
Најпреценетиот кошаркар во НБА ѝ донесе финале на Индијана – прво по 25 години (ВИДЕО)
Пејсерси синоќа на домашен терен го совладаа Њујорк Никс (125-108) и со 4-2 во победи ја завршија финалната серија на Истокот. Паскал Сијакам блесна со 31 поен, а Халибартон уфрли 21 поен и 13 асистенции, од кои 11 поени постигна во клучната последна четвртина. Индијана доминираше во текот на целиот натпревар, а серијата од 9-0 на почетокот на третата четвртина беше пресудна за кршење на отпорот на Њујорк. Никси до крајот не успеаја сериозно да се вратат во мечот, иако неколкупати се доближија на едноцифрена негатива.
Пејсерси со оваа победа се пласираа во своето прво НБА финале по сезоната 1999/2000, кога беа поразени од Лос Анџелес Лејкерс со 4-2. Индијанаполис конечно дочека кошаркарска пролет по четврт век, а публиката во сала беше на нозе во последните минути, прославувајќи го успехот со своите миленици. Сијакам, кој во текот на серијата играше во врвна форма, го освои трофејот „Лери Бирд“ за МВП на финалето на Источната конференција, а вреди да се потсети дека токму легендарниот Бирд како тренер го однесе овој тим во неговото прво финале пред 25 години.
Покрај Сијакам и Халибартон, значаен придонес имаше и Оби Топин, кој против својот поранешен клуб постигна 18 поени и 6 скокови. На спротивната страна, О-Џи Ануноуби беше најдобар поединец кај Никс со 24 поени, додека Карл-Ентони Таунс додаде 22 поени и 14 скокови. Сепак, агресивната одбрана на Индијана ги натера гостите на дури 17 изгубени топки, што беше еден од клучните фактори за конечниот исход.
Финалето на НБА започнува во ноќта меѓу 5 и 6 јуни, кога Индијана ќе се соочи со уште една млада и енергична екипа — Оклахома сити тандер. Првиот натпревар е закажан за 2.30 часот по македонско време.