МВП наградата на Ол-стар натпреварот ќе го носи името на Коби Брајант

Комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер објави дека МВП наградата за најдобар играч на Ол-стар натпреварот ќе биде наречена „Коби Брајант“. 

Оваа година ќе го имаме и првиот добитник на признанието со новото име во чест на легендарниот кошаркар, кој трагично го загуби животот во хеликоптерска несреќа минатиот месец. 

„Коби Брајант е синоним за НБА Ол-стар и го претставува духот на оваа наша игра. Тој секогаш сакаше да се натпреварува со најдобрите помеѓу најдобрите пред милиони навивачи низ целиот свет“, изјави Силвер.

Брајант четири пати во кариерата беше прогласуван за МВП на Ол-стар натпреварите. Тој во 1998 година дебитираше на Ол-стар натпреварите и стана најмладиот учесник со само 19 години. Играше 20 сезони во НБА-лигата, а 18 пати беше на Ол-стар натпреварите.