Милвоки со пеколна последна четвртина до стартна предност во финалето на Истокот! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Милвоки бакс поведоа со 1-0 во финалната плејоф-серија од Источната конференција, откако ноќеска по голема борба и фантастична игра во последната четвртина го совладаа Торонто репторс (108-100).

„Елените“ средбата ја завршија со десет поени во низа како кулминација на одлучната игра во четвртиот период, кој го добија со убедливи 32-17. Гостите водеа во најголемиот дел од средбата, но во клучните моменти кај домаќинот неочекувано се разигра Брук Лопез кој во овој дел од играта постигна 16 од вкупни 29 поени кои беа запишани крај неговото име на крајот од мечот. Првата ѕвезда на Милвоки, Јанис Антетокумпо, средбата ја заврши со 24 поени и 14 скока. Каваи Ленард со 31 и Кајл Лаури со 30 поени беа најпрецизни кај Торонто.

„Не игравме најдобро што можевме, но и покрај тоа победивме, што е најважно. Торонто не е Бостон за да може лесно да се вратиме во серијата, така што е многу важно за нас што дуелот го почнавме со триумф“, изјави Антетокумпо.

Вториот меч пак ќе се одигра на теренот на „бакси“ и тоа утре доцна навечер, по што серијата ќе се пресели во Канада.