„Ма, каков рекорд – во Србија за ваква партија ви кратат од плата и седнуваат на клупа!“

Српскиот центар Никола Јокиќ постигна импресивни 56 поени, но тоа не беше доволно за да го спаси Денвер од пораз од Вашингтон (113-122), тим со најслаб учинок оваа сезона во НБА.

Без повредените Џамал Мареј, Арон Гордон и Дарио Шариќ, Србинот ја презеде одговорноста, реализирајќи 22 од 38 шута, но неговата маестрална игра не успеа да спречи дебакл во американската престолнина.

Поразот ја истакна кревкоста на тимот на Нагетс, особено во контекст на односот на Џамал Мареј со соиграчите и неговиот пристап кон играта. Јокиќ, кој ретко дава контроверзни изјави, по мечот со Визардс упати необичен коментар, потенцирајќи дека тимот мора да најде нов начин на мотивација.

„Очекувам реакција во следните натпревари. Во мојата земја, кога ќе имаш ваков низ на резултати, добиваш плата малку помала од тоа што го вредиш. Можеби тоа е она што ни треба – мала мотивација на овој начин,“ изјави Јокиќ низ насмевка, алудирајќи на намалување на платите како можен стимул за подобра игра.

Тој, исто така, индиректно го посочи Мареј, кој има договор вреден 244 милиони долари, како еден од играчите кои не ја оправдуваат довербата.

„Како се вели? Да бидеш 'клупиран', да те пратат на клупа. Е, можеби и тоа е добра мотивација,“ додаде Јокиќ.

Денвер сега има скор 11-10, додека Визардс, кои пред овој натпревар имаа само две победи (2-18) и беа без победа во изминатите месец и пол, ја искористија шансата да слават против поранешниот шампион.