Леброн Џејмс е слободен агент: Одбива 51 милион долари од Лејкерс

Агентон на Леброн Џејмс, Рич Пол ги шокираше навивачите на Лос Анџелес лејкерс дека супер ѕвездата е слободен агент. 

Тој ова го изјави за време на разговор на еден кошаркарски поткаст, но потоа ретерираше.

„Леброн е слободен агент, Лејкерс си ја работат својата работа и го бираат новиот тренер. Леброн секогаш го подржувал секој свој тренер“, рече Пол.

Потоа кога беше запрашан да ја дообјасни својата изјава дека Леброн е слободен агент, тој ретерираше и зборуваше со резерва

„Не знам што точно ќе прави Леброн. Ќе го направи она што го прави секоја година. Ќе ја процени ситуацијата и ќе ја донесе најдобрата одлука“, додаде агентот. 

Леброн Џејмс минатото лето потпиша нов двегодишен договор со Лејкерс вреден 91 милион долари. За изминатава сезона тој инкасираше 47,6 милиони долари од договорот.  Сега има рок до крајот на месец јуни да одлучи дали ќе продолжи уште една сезона со Лејкерс и да заработи 51 милион долари или ќе ја искористи опцијата да биде слободен агент. 

Јавна тајна е дека Џејмс планира да игра барем уште една или две сезони во НБА-лигата и тоа со неговиот син Брони Џејмс, кој се пријави на драфтот ова лето.