Кога ќе продолжи НБА не знае ни комесарот: Прерано е да се каже било што!

Комесарот на најсилната кошаркарска лига НБА, Адам Силвер објави дека не постои ни најмала шанса сезоната да продолжи во мај, не сакајќи да дава некакви проекции кога би можело да се случи рестартот на сезоната во ек на големата пандемија со коронавирусот, од која во САД бројката на заразени надмина 350.000, а над 10.000 луѓе починаа.

НБА беше прва лига во САД што прекина со мечевите, откако двајца кошаркари на Јута Џез, Руди Гобер и Донован Мичел беа позитивни на Ковид-19, а сега неизвесно е воопшто кога би продолжиле мечевите.

„Јас на колегите им кажав дека овој месец тешко дека ќе донесеме некаква одлука, а тешко е дека воопшто ќе донесеме одлука до 1 мај. Прерано е да се зборува за такво нешто. Сезоната некако ќе се заврши, во каков облик, со каков плејоф, сето тоа е отвроено“, додава Силвер.

За да заврши регуларниот дел остануваа уште пет недели од мечеви пред да експлодира пандемијата во САД, а на 18 април требаше да почне плејофот. Засега, Силвер најавува различни сценарија, но...

„Кога ја суспендиравме лигата зборувавме за пауза, би рекол од некои 30 дена, зашто немавме широка слика за тоа што ќе се случува. Мислевме дека земјата ќе биде само во карантин неколку недели, ама сега е факт дека знам помалку од тоа што го знаев пред неколку недели“, додава Силвер.

Во моментов траат разговори со клубовите и играчите околу различни сценарија како да се доигра сезоната, а веќе има најави дека е можно целата лига да се пресели во еден град и под строги безбедносни мерки да се доигра без гледачи на едно место, но сето тоа откако здравствените власти ќе соопштат дека има барем минимум услови за такво нешто, а за почеток најпрво САД би требало да се изборат и да ја запрат експлозијата од Ковид-19 во земјата.