Кога е комплетна, Србија е друга репрезентација

Селекцијата на Србија им се врати на победите на подготовките за Олимписките игри во Париз откако вечерва во Белград ја совлада Јапонија со 119-100.

На почетокот од оваа недела „орлите“ играа во Абу Даби против Австралија и САД и доживеаја убедливи порази, па овој триумф им беше потребен за кревање на самодовербата. За разлика од тие мечеви, вечерва настапија Богдановиќ, Милутинов и Јовиќ, па со поголема ротација и со помош на публиката, Србија одигра добар натпревар, особено во нападот.

Само Во првото полувреме беше неизвесно бидејќи по добриот вовед на домаќинот, Јапонците се вратија во игра и на полувреме имаа само седум поени негатива. Се беше решено во третата четвртина која избраниците на Светислав Пешиќ ја добија со 32-18, па последните десет минути останаа само како формалност. И покрај убедливиот пораз, Јапонија не разочара и покажа квалитет, особено кога станува збор за шутот.

Никола Јокиќ со 18 поени, 8 скока и 6 асистенции беше најдобар играч во српската репрезентација, Петрушев додаде 17, а Богдановиќ 15 поени со 8 скока. Кај Јапонија се истакна Руи Хачимура со 29 поени. Србите утре ќе го имаат последниот тест пред заминувањето за Париз, а противник ќе им биде селекцијата на Грција, предводена од Јанис Адетокунбо.