Кари стана трет најдобар тројкаш во историјата, Голден Стејт даде 146 поени (ВИДЕО)

Актуелниот НБА-првак Голден Стејт Вориорс не се сезонава така уверливи како изминатите години, но ако играат како што знаат и како што демонстрираа синоќа, тогаш тешко дека некој може да ги сопре. Против Чикаго Булс дадоа дури 146 поени, а прва ѕвезда беше Стеф Кари со историскиот момент – стана трет тројкаш на сите времиња.

Најдобар поедниец на тимот беше Клеј Томпсон со 30 поени за 25 минути игра, а Кари имаше два поени помалку, 28 со пет скока и осум асистенции. Но, за извонредниот бек петте тројки беа поважни зашто влезе во историјата на НБА и сега е трет најдобар изведувач на тројки. Кари во кариерата има 2.285 тројки, три повеќе од Џејсон Тери. Засега пред него се недостижни Реј Ален со 2.973 и Реџи Милер со 2.560. Но, Кари до крајот на кариерата може да ги стигне.

Џејмс Харден со нов трипл-дабл беше предводник на Хјустон, кој даде 141 поен против Кливленд за удедлив триумф со 28 разлика (141-113) и тој беше втор најзабележителен играч после влезот во топ три на Кари. Харден даде 43 поени со 10 скока и 12 асистенции.

Во другите мечеви Филаделфија загуби од Атланта со 121-123, Вашингтон славеше над Милвоки со 113-106, Индијана победи кај Њујорк со 121-106, а Торонто дома против Бруклин со 122-105. Портланд го победи Шарлот 127-96, а Далас со 119-115 во интересен меч славеше над Минесота.