Кајри Ирвинг: Ѓоковиќ е мој брат – заедно минавме низ истиот пекол!

Кошаркарот на Далас Маверикс, Кајри Ирвинг, неодамна изјави дека го смета Новак Ѓоковиќ за негов брат, поради идентичните притисоци што ги претрпеле поради одлуката да не се вакцинираат против Ковид 19.

Тој поради одлука на државата Њујорк во сезоната 2021/2022 можеше да игра само на средбите на гостински терен, додека српскиот тенисер пропушти два гренслема во САД поради одлуката да не се вакцинира, а беше депортиран и од Австралија.

„Не го познавам Ѓоковиќ толку добро, но знам дека си испративме поддршка од далеку. Се справувавме со слични ситуации во кои суштината беше во автономијата на телото и во фактот дека секој има можност да го направи она што мисли дека е најдобро за себе“, изјави Ирвинг.

Кошаркарот потоа продолжи во ист стил.

„Чувствувам дека тој е мој брат на овој свет, брат во ваков тип на проблеми. Оваа тема стана покомплицирана отколку што треба - темата се смени од луѓе кои го прават најдоброто за себе до притисок од влади, федерации или луѓе кои имаат свое мислење. Затоа треба да цениме некој што донел одлука за себе и затоа го поддржувам Ѓоковиќ - тој донесе одлука и не ми е грижа за оние што не го поддржуваат“, дополни кошаркарот.