
Јужен Судан помина подобро од Србија против САД
Втора жртва на САД беше селекцијата на Јужен Судан која претрпе убедлив пораз, но сепак помина подобро отколку Србија во воведниот круг. Американците ја победија африканската селекција со 103-86 што е за девет поени помалку отколку во триумфот против „орлите“ во неделата.
Очигледно беше дека кошаркарите на Стив Кер ја научиле лекцијата од подготвителниот меч против Јужен Судан кога едвај триумфираа, па вечерва уште од почетокот ги зедоа работите во свои раце. По првата четвртина резултатот беше 26-14, а на полувреме веќе имаа +19 (55-36). Во второто полувреме САД имаа и 22 поена предност, Јужен Судан во еден момент намали и на -10, но победата на првиот фаворит не беше доведена во прашање.
Бем Адебајо со 18 поени беше најефикасен кај Американците, додека во селекцијата на Јужен Судан, прв стрелец беше поранешниот играч на МЗТ Скопје, Нуни Омот. Во последното коло, Јужен Судан против Србија ќе има директен дуел за второто место, додека САД без никаков притисок ќе се сретнат со Порторико.