Јокиќ со плачење го прими трофејот за најдобар во НБА пред - штала во Србија (ВИДЕО)

Никола Јокиќ, српскиот кошаркар од редовите на Денвер нагетс и официјално вторпат по ред е прогласен за најкорисен МВП-играч на сезоната во НБА, по што заслужениот трофеј го доби на ептен необичен начин – пред својата штала со коњи во Сомбор.

На српскиот ас му беше приредено големо изненадување од луѓето од Денвер предводени од тренерот Мајк Мелоун, генералниот директор Келвин Бот и сопственикот Стен Кроенка, кои го чекале пред неговата семејна куќа. Јокиќ признанието го добил пред шталата каде што донел еден од своите коњи, а фантастичниот центар дури и се расплакал поради овој гест.

„Ми беше тешко да поверувам дека воопшто ќе станам кошаркар, а не дека ќе играм во НБА и ќе бидам двоен МВП. Сега не размислувам за награди, но еден ден кога ќе бидам стар, дебел и постојано намуртен, ќе им раскажувам на моите деца дека порано добро играв кошарка. Сите знаат дека сум истата личност, се надевам дека ова нема да ме смени во иднина“, изјави Јокиќ во интервју за ТНТ.

Доделувањето на трофејот беше „зачинето“ со тамбураши.

„Ова сигурно е прв и последен пат МВП-трофејот да биде доделен пред шталата во Србија“, дополни Јокиќ.

Моментот бил толку емотивен што покрај Никола заплакал и тренерот Мајк Мелоун.

„Беше одлично, сите бевме емотивни, на едно место беа собрани луѓето кои многу му значат на Никола. Неговата сопруга, ќерка, родители, ние од Денвер. Беше ептен изненаден, а во исто време и толку скромен и покрај сето она што го постигна. Тој апсолутно го заслужи ова“, изјави Мелоун.

Јокиќ на патот кон вториот МВП-трофеј доби 875 бодови во гласањето, веднаш зад него беше Џоел Ембид со 706, додека трет беше Јанис Адетокумбо со 595. По нив следуваа Девин Букер, Лука Дончиќ, Џејсон Тејтум, Џа Морент, Стивен Кари, Крис Пол, Демар Дерозан, Леброн Џејмс и Кевин Дурент. Србинот освои и најмногу први места – 65, односно 39 повеќе од Ембид. Гласовите за оваа награда ги даваа над 100 новинари кои работат во САД и Канада.