Драма во „Ел-Еј“: Далас имаше минус четири на 10 секунди до крај и пак – победи (ВИДЕО)

Во дербито во Лос Анџелес, екипата на Далас минимално го совлада домашниот тим на Лејкерс (111-110) во меч во кој не настапија најголемите ѕвезди во двата тима, Лука Дончиќ и Леброн Џејмс поради повреди.

Но и покрај тоа беше виден неизвесен меч со драматичен финиш во кој подобро се снајдоа гостите од Тексас. „Телињата“ губеа со 105-109 на само 10 секунди до крајот, кога прво со три погодени слободни фрлања намалија на минус еден, за во следниот напад домаќините да погодат само едно од двете слободни фрлање. Кајри Ирвинг во последниот напад на гостите навлече дури тројца протовнички кошаркари, за да додаде до осамениот Клебер, кој погоди тројка за победа со звукот на сирената.

Ирвинг беше најдобар на мечот со 38 поени со 60-отстотна прецизност од поле (5/9 за тројка) и со по шест скока и асистенции. Ентони Дејвис со 26 поени и 10 скока беше најдобар кај „езерџиите“.