Доби шанса од соништата да игра за „дрим-тимот“ и после еден ден се – откажа

Три недели пред стартот на кошаркарскиот Мундијал во Кина, селекцијата на САД не може да ја одминат проблемите, кои започнаа со откажувањето на најголемиот дел од ѕвездите од НБА да играат за популарниот „дрим тим“.

Но, ако големите имиња сакаат одмор, наместо дополнително оптоварување на СП, од американскиот тим почнаа да откажуваат и „анонимуси“. Така, Марвин Багли, крилниот-центар од Сакраменто е последен што се откажува. Марвин беше дел од резервната селекција, која им спарингуваше на избраниците на Грег Попович, ама младиот кошаркар толку го воодушевил селекторот што веднаш добил повик.

Иако за речиси секој сон е да го облече националниот дрес, особено да биде дел од „дрим тимот“, Марвин за 24 часа се премислил. На Попович му се заблагодарил за повикот, ама сакал да се подготвува за клупската сезона.

Американскиот селектор на првиот список имаше 35 кандидати, од кои дури 30 откажаа, а сега има 16 имиња, од кои ќе треба да ги избере 12-те за Кина и тоа веројатно ќе го стори пред тргнување. Во моментов, Поповиќ ги има на располагање Харисон Барнс, Џајлен Браун, ДеАрон Фокс, Џо Харис, Кајл Кузма, Брук Лопез, Кајл Ловри, Крис Мидлтон, Донован Мичел, Масон Пламли, Маркус Смарт, Џејсон Татум, Пи-Џеј Такер, Мајлс Тарнер, Кемба Вокер и Дерик Вајт.