Чудесниот Тејтум го шокира првакот, „воините“ лесно до финале на Западот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Бостон селтикс се изборија за „мајсторка“ во полуфиналната плејоф-серија од Источната конференција во НБА, откако ноќеска, предводени од фантастичниот Џејсон Тејтум, како гости го изненадија актуелниот шампион Милвоки бакс (108-95).

„Елените“ не ја искористија предноста на домашен терен и сега ќе мора да играат седми меч на теренот на противникот, за што најголем виновник е бекот на „келтите“. Тејтум средбата ја заврши со 46 поени и девет скока, со што го анулира исто така фантастичниот учинок на Јанис Антетокумпо, кој постигна речиси половина од поените на својот тим. Гркот реализира 44 поени, но тоа не беше доволно за пласман во источното финале.

На Западот, пак, веќе е познат првиот финалист, а тоа е Голден стејт вориорс, чии кошаркари го добија шестиот меч во серијата со Мемфис гризлис (110-96). Предводници на „воините“ беа Клеј Томпсон со 30 (осум тројки) и Стеф Кари со 29 поени, додека кај поразениот тим најдобар беше Брук со 30 поени.

Претходно, Мајами хит се најде во финалето на Истокот и ќе игра против Бостон, додека Г. Стејт за противник ќе го има подобриот од „мајсторката“ во фантастичната серија помеѓу Далас маверикс и Феникс санс.