„Бев добар исто како Јокиќ, требаше да бидам МВП во деведесетите“

Легендарниот НБА центар и член на Куќата на славните, Патрик Јуинг (62), тврди дека во своите најдобри години имал статистика достојна за МВП признание, но сепак никогаш не ја доби ова престижната награда.

Во разговор со својот поранешен соиграч од Њујорк Никс, Марк Џексон Јуинг изрази жалење што неговите перформанси во доцните осумдесетти и раните деведесетти не биле наградени како што заслужувал.

„Кога бев на колеџ, не бев познат како добар стрелец. Бев дефанзивец, блокер... Но, ако зборуваме за Патрик Јуинг од деведесеттите, тогаш мислам дека требаше да бидам МВП. Тогаш немаше толку удвојувања, играта не беше како денес и не можеа да ме запрат“, вели Јуинг.

Најдобрата сезона во својата офанзивна кариера ја имаше во 1989/90, кога бележеше просек од 28,6 поени, со дури 59% успешност од поле и 77% од линијата за слободни фрлања. И покрај тоа што со Никс не успеа да ја помине полуфиналната рунда на Истокот (беше елиминиран од Детроит Пистонс) тој беше одличен на паркетот.

Таа сезона ја заврши со просек од 28,6 поени, 10,9 скока, 4 блокади и 2 асистенции по натпревар со што ја спореди со бројките на денешните МВП добитници како Никола Јокиќ и Џоел Ембиид.

„Моите бројки беа на нивото на Јокиќ и Ембиид. Физички бев како Ембиид, тој е поголем, но јас можев да скокам и да шутирам. Единствено не шутирав тројки како него. Би биле тоа одлични битки меѓу нас. И двајцата се исклучително талентирани и разновидни играчи. Им симнувам капа, уживам да ги гледам“, заврши Јуинг со спортски дух.

Патрик Јуинг беше првиот пик драфтот во 1985 година и веднаш стана ѕвезда на Њујорк Никс, каде што помина цели 15 сезони, но никогаш не успеа да го освои шампионскиот прстен.

Фото: EPA PHOTO