
Валтонен е финскиот Дамјан Стојановски, бронзата оди во Грција
Грците со тоа го освоија првиот медал по пауза од 16 години, а во исто време ја уништија финската бајка која, сепак, заврши без место на пиедесталот. Триумфот на грчката селекција беше апсолутно заслужен, ако се знае дека дека во ниеден момент не беше во негатива и главно имаше убедлива предност.
Сепак, Финците веројатно уште долго ќе жалат за она што се случуваше на ова првенство, не само поради досегашните резултати, туку и поради она што го покажаа вечерва. На нешто повеќе од три минути пред крајот Грција водеше со 84-67 и се чинеше дека се е завршено на овој меч. Следуваа пеколни две и пол минути во кои скандинавската селекција направи 15-2 и се доближи на 82-86, на 20-тина секунди пред крајот и на 87-89, а кулминација на возбудувањата се случи на пет секунди пред последниот звук на сирената.
Грците водеа со 90-87, но одлучија да не прават лична грешка и со тоа да ја прекинуваат акцијата на противникот. Топката дојде до Валтонен кој се крена на шут за тројка, а ветеранот Папаниколау го фаулираше за што доби три слободни фрлања. Валтуонен можеше да биде херој и да го одведе мечот барем во продолжение, нешто слично како Дамјан Стојановски пред 14 години во мечот за бронзата со Русија, ги погоди првите две, но го промаши третото. Јантунен се избори за офанзивен скок, но немаше чиста позиција за кош, неговиот шут не беше доволно силен и заврши само на обрачот. Топката потоа ја прибра Јанис Адетокумпо кој беше фаулиран и ги погоди двата „пенала“ за точка на мечот.
Кошаркарот на Милвоки Бакс одигра извонреден меч, постигна 30 поени, 17 скока и 6 асистенции за индекс 43 и сам си го обезбеди првиот репрезентативен медал во својата кариера. Марканен постигна 19 поени и 10 скока за Финска, а трагичарот Валтонен заврши со 18 поени.