Тренерот на Реал, Пабло Ласо пуштен на домашно лекување после инфарктот

Тренерот на кошаркарите на Реал Мадрид, Пабло Ласо од денеска е пуштен на домашно лекување, откако пред неколку дена беше хоспитализиран поради срцев удар, а вчера го напушти одделот за интензивна нега.

Реал Мадрид објави денеска дека кормиларот на кошаркарите на „кралевите“ е отпуштен од Универзитетската клиника „Саинтас Ла Моралеха“ и сега тој ќе го продолжи лекувањето во домашни услови.

„Имав среќа, зашто животот ми даде предупредување. Како што рече докторот вчера, сега сум подобар отколку пред пет години“, рече Ласо.

Тој беше примен пред пет дена откако доживеал инфаркт, а вчера излезе од интензивна нега, но остана уште еден ден во болница под мониторинг на кардиолозите.