Слатки им се парите: Евролигата ќе чека колку и да треба, но ќе ја доврши сезоната!

Предводниците на Евролигата, најсилното клупско кошаркарско натпреварување во Европа, денеска одржаа видео-состанок на кој донесоа одлука дека ни по која цена, барем додека можат, да не ја прекинат актуелната сезона.

Кошарка веќе две недели не се игра, а апсолутно никој не знае кога животот би се вратил во нормала по светската пандемија со коронавирусот, но тоа не беше пречка првите луѓе на Евролигата да решат да почекаат да подобри услови и тоа без разлика кога ќе се случи тоа. Истото се однесува и за Еврокупот, второто по ранг натпреварување кое се игра надвор од системот на Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Да биде изненадувањето поголемо, засега не е предвидено ниту менување на форматот по кој се игра во двете натпреварувања, ниту со кратење на обврските, иако е оставен простор дополнително да се направи адаптација на системот. Пораката која денеска ја испратија од седиштето на Евролигата е дека по излегувањето на европските играчи од карантин и по враќањето на Американците на Стариот континент, натпреварувањето ќе продолжи по забрзан распоред.

До прекинот беа одиграни 28 кола, што значи дека преостануваат уште шест за доигрување од регуларниот дел од сезоната, како и четвртфиналето од плејофот и завршниот фајналфор-турнир. На врвот од табелата е Анадолу Ефес со скор 24-4, следуваат Реал Мадрид и Барселона со по 22-6 како и ЦСКА Москва и Макаби Тел Авив со по 19-9.