Преседан: Дончиќ требаше да биде прв пик, но ќе го пропушти драфтот!?

Проектираниот прв пик на овогодинешниот НБА драфт, Лука Дончиќ, можеби и нема да се појави на 21 јуни во Бруклин!

Така барем тврди неговата мајка Мирјам Потербин, а причината е помалку предолгиот шампионат во Шпанија.

Имено, доколку сѐ се одвива според планираното, тоест доколку Реал Мадрид влезе во финалето на плеј-офот, евентуалните четврти и петти натпревари во борбата за титулата би можела да ги задржи Шпанците за време на драфтот.

Тоа навистина би бил преседан, кошаркарот околу кој сѐ ќе се врти таа вечер во Бруклин, да биде на другиот крај од светот. Звучи бизарно, но е можно и остварливо.

„Доколку дојде до четврти натпревар во финалето на плеј-офот, Лука најверојатно нема да патува во САД. Доколку сѐ биде решено во три дуели, секако дека ќе патува“, тврди мајка му.

Четвртиот натпревар од финалето на плеј-офот во шпанската АЦБ лига се игра на 20 или 21 јуни.