Пешиќ не се откажува ни на 76 години – пак ќе работи во Евролигата?

Српскиот стручњак Светислав Пешиќ е најсериозен кандидат за испразнетото тренерско столче во Баерн откако Гордон Херберт доби отказ пред два дена, тврдат грчки медиуми.

Пешиќ има 76 години и до пред три месеци беше селектор на Србија, но и покрај тоа што многу негови врсници се веќе пензионирани, тој би можел повторно да работи во Евролигата. Србинот има речиси божествен статус во Германија поради неговиот придонес во развојот на кошарката таму, почнувајќи од 90. години на минатиот век. Претходно работеше во Баерн од 2012 до 2016 година. Под негово водство, Баерн играше во Евролигата три сезони по ред и се етаблираше како клуб на кого треба да се смета на долг рок во елитното натпреварување.

Спортски директор во Баерн е поранешниот југословенски репрезентативец Драган Тарлаќ поради што и шансите на Пешиќ се поголеми. Негов противакандидат е грчкиот стручњак Јанис Сферопулос кој сезонава ја почна во Црвена Звезда, но е без ангажман од почетокот на октомври.