Огромен успех: Емил Рајковиќ е тренер на сезоната во третата најсилна лига во Европа!

Одличните партии на казахстанскиот шампион Астана и фантастичниот резултат на овој тим во ВТБ-лигата на екипите од просторот на поранешен СССР на македонскиот тренер Емил Рајковиќ му го донесе престижното признание тренер на годината во третото по квалитет кошаркарско натпреварување во Европа (зад Шпанија и Турција).

Поранешниот стратег на Фени, Работнички и на МЗТ Скопје минатото лето се реши да се пресели во далечниот Казахстан и да почне нова авантура во тимот на Астана со кој изненадувачки заврши на шестото место во исклучително силна конкуренција. Тоа значеше и историски пласман во четвртфиналето од плејофот во кој игра против Кимки (0-2) и тоа со рекордни за клубот 15 победи.

Ова е исклучително голема награда за Рајковиќ, ако се знае дека пред него таа завршила во рацете на величини како Римас Куртинаитис, Васили Карашев и Димитрис Итудис од ЦСКА, кој беше избран за тренер на сезоната во последните две години и претходно во 2015 година.