На Србите не им се верува: Шпанците се фалат дека имаат најдобри кошаркарски тренери!

Претседателот на Кошаркарската федерација на Шпанија, поранешниот прославен ас Хорхе Гарбахоза, предизвика вистинска бура во кошаркарските кругови со изјавата дека најдобрите тренери во светот доаѓаат од неговата земја.

Легендарниот член на „црвената“ фурија смета дека никој не може да им конкурира на неговите сонародници.

„Кошарката во Шпанија е многу важна, а еден од главните причини за нашиот успех се тренерите. Ги почитувам сите, но сметам дека шпанските тренери се најдобри во светот. Имаме стратези во НБА, Европа, Јужна Америка, Африка, бидејќи екипите го знаат нивното ниво и ги ангажираат. Многу е важно да се има квалитетни стручњаци, бидејќи само така се прават добри кошаркари“, изјави Гарбахоза.

Тврдењето на првиот човек на шпанската кошарка е поткрепено со успесите на Пабло Ласо со Реал Мадрид, со добрите резултати на Чави Пасквал каде и да се наоѓа, како и со победите на Аито Гарсина Ренезес со германска Алба. Но, и покрај тоа, неговата изјава веднаш беше примена „на нож“ во Србија, која себе си се смета за „земја на кошарката“.

Според српските медиуми, прехрабро е да се тврди дека некој друг може да има подобри тренери, кога нашиот северен сосед има стручњаци како Жељко Обрадовиќ, Светислав Пешиќ, Игор Кокошков, Александар Ѓорѓевиќ и тоа само од поновата генерација, без навраќање на Душан Ивковиќ или на Ранко Жеравица.

Но, главната поента на Србите во ова надмудрување е фактот што селектор на Шпанија подолг низ години не е Шпанец туку тоа е италијанскиот стратег, Серџо Скариоло, што секако е чудно за земја која, наводно, ги има најдобрите тренери на светот.