Арсенал не го дава капитенот: Едегар ги одби Арапите за да остане долго во Лондон!

Раководството на лондонски Арсенал е на чекор до постигнување договор за продолжување на соработката со капитенот Мартин Едегар, пренесува познатиот италијански спортски новинар Николо Скира.

Според неговите информации, англискиот премиерлигаш го смета норвешкиот плејмејкер за еден од своите клучни фудбалери, поради што категорично ја отфрла секоја можност за негова продажба. Како потврда за нивниот став говори и фактот што клубот од „Емирати“ во изминатите неколку месеци експресно одбил повеќе богати понуди од екипи од Саудиска Арабија и од Европа кои биле сериозно заинтересирани за услугите на одличниот играч за врска.

Иако Арсенал пред три години го продолжи неговиот актуелен договор кој го врзува за клубот до летото 2028 година, раководството преку новата понуда сака дополнително да ја осигура иднината на својот лидер на теренот. Норвешкиот репрезентативец пристигна во северен Лондон во јануари 2021 година како позајмен играч од редовите на шпански Реал Мадрид. Само шест месеци подоцна, откако ги импресионираше сите во клубот, Арсенал одлучи целосно да го откупи неговиот договор за сума од околу 35 милиони евра.

Досега во црвено-белиот дрес има одиграно вкупно 242 натпревари, на кои постигнал 44 погодоци и запишал 41 асистенција. Неговата форма е на исклучително високо ниво и на почетокот од новата натпреварувачка сезона, каде што веќе има постигнато четири гола на осум одиграни средби.