Селекторот на Словенија по триумфот: Нема еуфорија, Македонија не е фудбалска елита!

Фудбалската репрезентација на Словенија дојде до сигурна победа во синоќешната пресметка против селекцијата на Македонија (2-0), со што ја прекина очајната резултатска низа пред овој дуел.

Словенците, кои пред пресметката со жолто-црвените имаа само еден триумф на последните 11 натпревари, се покажаа како далеку подобар противник на теренот и сосема заслужено стигнаа до посакуваниот триумф. И покрај убедливата игра и позитивниот резултат кој донесе огромно олеснување во нивниот табор, словенечкиот селектор Боштјан Цесар веднаш по натпреварот се обиде да ги смири страстите. Тој потенцираше дека не смее да има преголема радост, посочувајќи дека македонската репрезентација, иако квалитетна, сепак не припаѓа во самиот врв на европскиот фудбал.

„Среќен сум што втор меч по ред ја сочувавме својата мрежа чиста и што верувавме дека ќе постигнеме гол. Откако Випотник ја погоди гредата уште на самиот старт станавме нервозни, но останавме доволно мирни за да реализираме некоја од следните шанси. Честитки до момците, одиграа совршен натпревар и ова треба да биде појдовна точка. Треба да напредуваме од натпревар во натпревар, но не смее да владее еуфорија после овој меч. Игравме против добар тим, но Македонија сепак не припаѓа баш во самата фудбалска елита“, изјави селекторот Цесар.

Македонската репрезентација до крајот на овој циклус од Лигата на нации прво в сабота ќе ја пречека Шкотска, а три дена подоцна ќе ѝ гостува на Швајцарија.