Јамал пишува историја - најмлад играч со двоцифрен број голови во историјата на Шпанија

Ламин Јамал продолжува да испишува историја со репрезентацијата на Шпанија. Младиот напаѓач со двата гола против Хрватска во победата од 4-1 стигна до бројката од десет во дресот на националниот тим, поставувајќи нов рекорд.

Јамал до бројката од 10 репрезентативни голови стигна на само 19 години, со што стана најмладиот фудбалер во историјата на Шпанија кој стигнал до ова достигнување, надминувајќи го рекордот на Раул кој двоцифрен број голови имал на 22 години.

Фудбалерот на Барселона уште еднаш беше главната фигура во офанзивата на светскиот шампион. Првиот гол против Хрватска го постигна по само 70 секунди игра, а во второто полувреме повторно се запиша во листата на стрелците. Покрај двата гола, Јамал имаше и асистенција, па директно учествуваше во три од четирите погодоци на Шпанија.

Со ова Јамал продолжува да ги поместува границите на најмлади достигнувања во репрезентативниот фудбал. Тој претходно стана најмладиот стрелец во историјата на Шпанија, а на Европското првенство во 2024 година стана и најмладиот стрелец во историјата на европските првенства. Според статистичките податоци, Јамал е и најмладиот европски фудбалер кој стигнал до 10 голови за сениорската репрезентација во повеќе од шест децении. Пред него на оваа листа беше Данецот Харалд Нилсен, кој до десеттиот репрезентативен гол стигнал во 1960 година.

Интересно е тоа што шест од неговите десет гола се постигнати против гиганти, поранешни европски или светски шампиони и вицепрваци: три против Франција и по еден против Англија, Холандија и Хрватска. Исто така, сите десет гола се постигнати на официјални натпревари, во квалификации, Лига на нации и светски или европски првенства.