Руши стереотипи: „Џуџе“ со голем стомак прави чуда на голот на Боцвана (ВИДЕО)

Првиот голман на фудбалската репрезентација на Боцвана, Гоицеоне Фоко (31), стана вистинска сензација во светските спортски медиуми, откако со брилијантни интервенции го предводеше својот национален тим до неочекувано реми на гостувањето против моќната селекција на Тунис (2-2) во рамки на Африканскиот куп на нации.

Чуварот на мрежата, кој со висина од само 163 сантиметри и тежина од 80 килограми им пркоси на сите стереотипи за физичката градба на модерните фудбалери, забележа шест клучни одбрани со кои го фрли во очај редовниот учесник на светските првенства. Иако на почетокот на кариерата бил прилично слаб, Фоко денес има нетипична, крупна градба за која не е позната точната причина, но тоа очигледно не го спречува да бележи врвни резултати.

Тој најголемиот дел од својата кариера го мина во домашниот фудбал, бранејќи ги боите на Габорон Јунајтед во периодот од 2012 до 2023 година. Во овој клуб тој изгради сериозно име, освојувајќи една шампионска титула и два купа, а пред шест години беше прогласен и за најдобар голман во Боцвана. Откако мина неколку сезони во екипата на Џваненг Галакси и се наметна како стандарден репрезентативец со 37 настапи за А тимот, во јуни конечно го направи својот прв интернационален трансфер. Со голема помош и препорака од селекторот на националниот тим, Морена Рамореболи, искусниот голман потпиша двегодишен договор со јужноафриканскиот клуб Сивеле ФЦ.

Покрај необичниот изглед и фантастичните рефлекси, Гоицеоне Фоко ќе остане запишан во спортската историја на својата татковина и по еден уникатен статистички податок. Тој е првиот голман кој некогаш успеал да постигне погодок за репрезентацијата на Боцвана, подвиг кој го реализираше за време на КОСАФА купот во 2022 година на натпреварот против Ангола.