Докажана е измамата на векот: Објавен документот од 40 страници - Сити сокрил над 920 милиони фунти!

Независната комисија, која го истражуваше финансиското работење на Манчестер Сити, објави шокантен документ на 40 страници, во кој англискиот шампион се прогласува за виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила.

Според одлуката, клубот е виновен по сите точки поврзани со финансиски малверзации, како и за опструкција на истрагата. Во документот дури осум пати се употребува зборот „измама“, откривајќи системска мрежа преку која биле сокриени над 920 милиони фунти во период од девет сезони, со цел да се заобиколат строгите регулативи на Премиер лигата и УЕФА.

Проблемите на „граѓаните“ започнале уште во сезоната 2009/10, кратко откако инвеститорите од Абу Даби го презедоа клубот. Соочени со фактот дека нивните високи амбиции за трофеи ќе резултираат со огромни загуби кои би го урнале тогашниот рекорд на Челси од 140 милиони фунти во минус, сопствениците осмислиле таканаречена шема на прикриено финансирање. Преку овој механизам, спонзорските договори биле вештачки пумпани до рекордни суми. Во реалноста, вистинските спонзори ја плаќале само основната сума, додека остатокот тајно го надополнувале самите сопственици на клубот. Од вкупно 949,9 милиони фунти прикажани како комерцијален приход до сезоната 2017/18, дури 830,6 милиони фунти биле илегално инјектирани од сопствениците, создавајќи целосно лажна слика пред регулаторите.

Покрај лажните спонзорства, комисијата утврдила и низа други нелегални механизми. Преку таканаречениот „Проект Лонгбоу“ и аранжманот со трета страна наречена „Фордам“, клубот прикривал милионски трошоци за имиџ-правата на играчите, лажно прикажувајќи 24,5 милиони фунти како приход, додека над 49,4 милиони фунти трошоци биле целосно избришани од книгите. Дополнително, откриено е дека платите за одредени играчи и тренери биле исплаќани надвор од официјалните финансиски извештаи, преку фиктивни консултантски договори во износи од 8,8 милиони, 7,4 милиони и 500 илјади фунти. Еклатантен пример за финансискиот инженеринг се случил во мај 2013 година, кога клубот за само неколку дена измислил нови спонзорски анекси за да покрие неочекуван минус од 9,9 милиони фунти и да ги исполни правилата за финансиски фер-плеј пред УЕФА.

Во најостриот дел од одлуката се наведува дека раководството на Манчестер Сити намерно, координирано и крајно неодговорно ја саботирало истрагата. Комисијата утврдила дека дел од 24-те сведоци повикани од страна на клубот свесно лажеле и дале неточни искази за време на сослушувањата. Официјалниот заклучок е дека годишните финансиски извештаи воопшто не ја прикажувале вистинската состојба, потврдувајќи дека Манчестер Сити делувал без грам добра волја и намерно ги прекршил сите обврски за соработка.