„Македонецот“ Мур со другарите брка нешто што 27 години не е видено во Евролигата!
Додека Реал Мадрид, Олимпијакос и Фенербахче имаат огромно искуство на најголемата сцена, Валенсија, за која настапува македонскиот репрезентативец, Омари Мур, успеа да влезе во елитното друштво и ќе се обиде да направи нешто што не му успеало никому речиси три децении. По историската сезона и големиот пресврт против Панатинаикос (од 0-2 до 3-2), Валенсија стигна до пласман на својата прва завршница и стана само четврти дебитант во последните 11 изданија од ова натпреварување.
Клубот од почетокот на сезоната имаше скромни цели – пласман барем во плеј-ин фазата, но сега апетитите се целосно сменети. Валенсија атакува на титула уште во првиот обид, подвиг кој последен пат беше остварен во 1999 година, кога Жалгирис Каунас сензационално ја освои Евролигата. Тогаш Литванците во полуфиналето го елиминираа Олимпијакос, а во финалето го совладаа фаворизираниот Киндер Болоња, со тим полн со легенди како Предраг Даниловиќ и Ригодо, предводени од клупата од Еторе Месина.
Она што дополнително ја прави приказната на Валенсија импресивна е фактот дека ниту еден играч во ростерот, како ниту тренерот Педро Мартинез, нема претходно искуство од фајналфор. Сепак, кошаркарите како Мур, Монтеро, Бадио, Прадилја и младиот Де Ла Реа веќе покажаа дека не се плашат од никого – ниту од атмосферата, ниту од историјата на ривалите.
Во денешното полуфинале, прво на паркетот ќе се најдат кошаркарите на Олимпијакос и Фенербахче (17 часот), а потоа на Валенсија и на Реал Мадрид (20 часот).