Вардар кога најмалку треба стана заложник на огромното его на директорот Неделковски!
Тие дадоа сѐ од себе и тоа за далеку помали пари од тие со кои сега се шпекулира дека се планираат за новите засилувања. Засега нема ништо официјално, но се спомнуваат понудени плати кои се неколкукратно поголеми од тие што ги добиваа(т) тие што ја вратија насмевката на лицата на вардаровите фанови. А, кога навивачката армија помисли дека конечно ќе почне да личи на европски проект, Вардар сѐ повеќе почнува да станува заложник на егото и на личните амбиции на извршниот директор, Миленко Неделковски.
Да се понудат 12.000 евра, според неофицијални информации, за Жерсон Родригез, фудбалер со три гола, 10 жолти и два црвени картони на 21 натпревар сезонава пред да биде избркан од Тајланд е доказ за немање систем, стратегија и пред сѐ почит кон луѓето што ја донесоа титулата. Тој во претходната сезона одиграл само пет меча во Португалија, без погодок и шест натпревари во Кина со само еден постигнат гол, а воедно има условна затворска казна од 18 месеци за семејно насилство. Фудбалер кој повеќе се врзува со полициски билтени отколку со фудбалски успеси и кој е суспендиран од федерацијата на Луксембург. Зарем ваков докажан насилник треба да биде „лицето“ на новиот Вардар?
Неделковски со ова само ја продолжува „сјајната низа“ на скапо платени фудбалер како претходно Чимпембе, Муса, Ибрахим Ола, Бајо, Иан Пулеио и други „познати и непознати“ Аргентинци, кои не оставија никаков печат во клубот. Во исто време, големиот директор му нуди 10.000 евра на Пиреш од Силекс, сума што никој друг не ни сонува да му ја плати, па дури ниту големиот ривал Шкендија.
Посебна приказна е најавениот аргентинскиот тренер како наследник на Гоце Седлоски, за кого се вели дека ќе има поголема плата од двете „ѕвездени“ потенцијални засилувања – значи не помалку од 25.000 евра месечно, што е огромна сума за македонските прилики и можности.
Вардар денес нема маркетинг, нема модерна интернет-страница, нема професионална комуникација. Социјалните мрежи на клубот се сведени на навивачки статуси и недолични објави. Клубот со најголемо име во македонскиот фудбал во моментов изгледа како импровизирана фан-страница водена од човек што мисли дека фудбалот е маса за покер. А, најтажно од сѐ е што во моментите кога треба најмногу да се слави, никој не зборува за момците кои ја освоија титулата. За фудбалерите што се бореа и се тепаа за да го вратат Вардар во живот. Нивниот труд се омаловажува со порака дека вредат помалку од нечија суета и нечие лечење комплекси.
Поради сето ова, логично се наметнува прашањето – дали некој го контролира ова односно дали некој го контролира самоволието на Неделковски? Каде се сопствениците, луѓето што се претставија како спасители на Вардар? Време е тие конечно да излезат јавно и да кажат каков клуб сакаат да градат. Дали нивниот проект е стабилен и модерен Вардар со систем, академија, маркетинг и европски стандарди или клуб што ќе служи како играчка за туѓи суети и аматерски импровизации?
Навивачите заслужуваат одговор. Не приказни по кафулиња, не статуси на Фејсбук и дефинитивно не евтини спектакли со „големи имиња“. Ако веќе се трошат огромни суми, македонската спортска јавност има право да знае кој носи одлуки и по каков план. Затоа што ова веќе не е спортска политика. Ова е егзибиција на суета на само еден човек, кој го држи гигантот како заложник во својата егоистична игра. Вардар не смее повторно да стане циркус, зашто неговата историја е поголема од било кој поединец.