Трамп и ФИФА го шутнаа, УЕФА го прибра - судијата „терорист“ ќе го суди Суперкупот во Салцбург!
34-годишниот Артан од 2018 година е на меѓународната листа на ФИФА, тој беше прогласен за најдобар судија во Африка за 2025 година.
Сомалиецот требаше да суди на Светското првенство. Како поддршка и признание за достигнувањето дури доби и дипломатски пасош од својата земја со цел полесно да влезе во САД.
Покрај тоа што имаше и дипломатски пасош и виза, Омар Артан беше вратен од Американците, не му беше дозволен влез во САД. Се врати во својата земја и беше пречекан како херој.
Голем гест сега направи и УЕФА која го назначи Артан да го суди Суперкупот кој ќе се одигра на 12 август во Салцбург меѓу победникот на ЛШ, ПСЖ и победникот на ЛЕ, Астон Вила.
„Омар Артан е одличен млад, но веќе искусен судија, кој се докажа на највисокото натпреварувачко ниво на Конфедерацијата на Африканскиот фудбал. Фудбалот е направен за да ги поврзува луѓето, а УЕФА сака да ја покаже својата почит кон Омар и неговите извонредни судиски вештини, кои му ја донесоа толку престижната номинација. Му благодарам на мојот пријател, претседателот на КАФ, Патрис Мотсепе, за ентузијастичката поддршка на нашата иницијатива“, рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Големи зборови за судијата стигнаа и од претседателот на КАФ, Патрис Мотсепе.
„Омар Артан ги направи Сомалија и целиот народ на Африканскиот континент исклучително горди. Неговото добивање на наградата за машки судија на годината од CAF за 2025 година и неговото назначување за судија на Светското првенство во фудбал 2026 година се признание за неговите судиски способности од светска класа и меѓународното почитување што го ужива. Многу сум благодарен на мојот пријател, Александар Чеферин, што му овозможи на Омар Артан да го суди натпреварот од Суперкупот на УЕФА во 2026 година. Ова е голема чест за Омар Артан и за африканските судии, а воедно е и одличен пример за фудбал, кој ги зближува и обединува луѓето од Африка, Европа и од целиот свет“, рече Мотсепе.