Со драмата на Хрватска и Португалија беше урнат мундијалски рекорд
По мирното прво полувреме, возбудувањата започнаа во вториот дел. Иван Перишиќ во 53. минута ја доведе Хрватска во водство, а само три минути подоцна Игор Матановиќ повторно ја затресе мрежата. Сепак, радоста траеше кратко, бидејќи ВАР сигнализираше офсајд на Никола Власиќ и погодокот беше поништен.
Следуваше вистинска драма во која главната улога ја имаше ВАР-технологијата. Рафаел Леао ја погоди пречката, а Кристијано Роналдо прво постигна гол кој беше поништен поради офсајд. Во 68. минута, сепак, Португалецот беше прецизен од белата точка и го израмни резултатот на 1-1.
Хрватска потоа беше блиску до ново водство. Матео Ковачиќ ги погоди стативата и пречката во краток временски период, а голот на Петар Сучиќ беше поништен веќе во следната акција. Казната стигна во четвртата минута од судиското продолжение, кога Португалија го постигна победничкиот погодок.
Но, ниту тука не заврши драмата. Норвешкиот судија Еспен Ескас додели дури десет минути дополнително време, а по неговото истекување Јошко Гвардиол ја погоди мрежата за 2-2. Голот првично беше признаен, но по долга ВАР-проверка беше поништен поради офсајд. Натпреварот донесе три признати и четири поништени голови, пенал, неколку удари во рамката на голот и едно од најдраматичните втори полувремиња во историјата на Светските првенства.
Покрај возбудувањата, овој дуел влезе и во историјата по еден рекорд. Натпреварот меѓу Хрватска и Португалија стана мечот со најдолго судиско продолжение на едно Светско првенство.
Главниот судија го продолжи второто полувреме за неверојатни 18 минути и 51 секунда, со што беше надминат досегашниот рекорд поставен на натпреварот меѓу Англија и Иран на Мундијалот во Катар во 2022 година. За разлика од тогаш, кога причината беше тешка повреда на фудбалер, овојпат најголемиот дел од дополнителното време беше потрошен на бројните ВАР-проверки.