Љуљ стана рекордер на Реал, наскоро и во Евролигата
Синоќа актуелниот шпански шампион славеше со 73-71, а Љуљ го одигра 620. натпревар за Реал во АЦБ лигата во својата кариера со што го помина досегашниот рекордер Фелипе Рејес. Во таа чест, пред почетокот на третото овосезонско Ел Клсико, доби спомен дрес од претседателот на Реал, Флорентино Перес.
Љуљ ја игра 19. сезона во „кралскиот клуб“ што исто така е рекорд, а во екипата дојде во 2006 година од Манреса. Освен низата рекорди, со Реал освои осум титули во АЦБ лигата, шест во Копа дел Реј, осум во шпанскиот Суперкуп, три во Евролигата и еден на ФИБА Интерконтиненталниот куп. За голем дел од тие трофеи беше самиот најзаслужен, со кошеви за победа во последните секунди.
В петок Љуљ ќе стане рекордер и по бројот на одиграни натпревари во Евролигата бидејќи во моментов е израмнет на првото место со Кајл Хајнс со 425, а на крајот на работната недела против Баерн ќе го одигра рекордниот 426.