Кумот на Жељко Обрадовиќ тргна да тепа судии на меч во Израел (ВИДЕО)

Грчкиот стратег, Димитрис Итудис, за малку не направи голем инцидент во израелското првенство, откако на дербито меѓу неговиот Хапоел Тел Авив и Хапоел Ерусалим целосно ги загуби нервите и се обиде физички да се пресмета со судиите.

Хаосот се случи на почетокот од третата четвртина, кога Итудис бурно реагираше на една судиска одлука и тргна да влезе на теренот. Камерите јасно ја уловија неговата неконтролирана реакција, а само брзата интервенција на играчите и членовите на стручниот штаб спречи поголем инцидент, откако со мака го задржаа покрај клупата. И покрај драмата покрај теренот, тоа не донесе пресврт за неговиот тим. Хапоел Ерусалим на крајот стигна до убедлива победа со 92-77. Кај победниците се истакнаа Кејден Керингтон со 20 поени и четири асистенции и Џеред Харпер со 17 поени и четири асистенции, додека во редовите на поразениот тим по 12 поени постигнаа Елајџа Брајант, Томер Гинат и Крис Џонс.

Нервозата кај Итудис, кој е можеби најпознат како кум на Жељко Обрадовиќ и негов поранешен помошник, продолжи и по натпреварот. На прес-конференцијата жестоко ги критикуваше судиите, потсетувајќи и на, како што рече, „скандалозното“ финале од Винер Купот, а особено се пожали на малиот број досудени слободни фрлања за Елајџа Брајант, кој на овој меч шутираше само едно.