Германија им се придружи на Југославија, СССР и Шпанија

Вторпат во историјата, репрезентација на Германија ја освои титулата на европските првенства откако вечерва ја совлада Турција во финалето.

Претходно Германците освоија злато во 1993 година и бронза од претходното Европско првенство на кое беше ко-домаќин и завршницата се играше во Берлин. Со денешниот триумф, Германија ги обедини светската и европската титула, а тоа во историјата им успеало на само три репрезентации: СССР, Југославија и Шпанија.

СССР го направи тоа во 1967, година во која се играло и Европското и Светското првенство и потоа во 1982 година. Југославија (СФР и СР) дури четири пати во периодот од 1977 и 2002 година ги обединила круните, а на Шпанија ѝ успеа со трофеите во 2019 (светски) и 2022 (европска).

Германската репрезентација на овој шампионат имаше дури девет од вкупно 12 кошаркари кои пред две години триумфираа на Светското првенство во Манила и тоа беше најголемиот адут на оваа селекција.