Ф4-турнирот од Евролигата ќе се игра во - Белград!?

Завршниот турнир во кошаркарската Евролига треба да се одржи во мај 2022 година, а домаќин требаше да биде Германија, односно Берлин, меѓутоа најновите информации се дека натпреварувањето ќе добие нов организатор и тоа најверојатно ќе биде Белград.

Српските медиуми пишуваат дека престолнината на Србија има големи шанси да ги пречека најдобрите четири европски тимови, како и во 2018 година кога славеше Реал Мадрид во финалето против Фенербахче.

Заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ минатата недела разговарал со раководството на Евролигата и го понудил градот да биде организатор наместо Берлин, зашто поради епидемиолошките мерки во Германија не би било овозможено присуство на публика.

Тоа наводно им било доволно на главните луѓе на натпреварувањето за да донесат одлука да го преместат Ф4-турнирот од Евролигата во Србија, а наскоро се очекува и официјална потврда на информацијата.