Евролигаши од Шпанија во жестока битка за потписот на нашиот Димитријевиќ!

Повеќе од добрите игри во изминативе неколку сезони во дресот на Хувентуд е причината што два евролигашки тима од Шпанија да ја почнат битката околу потписот на македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ.

Според „Инсајд баскет“, станува збор за екипите на Валенсија и на Басконија, кои во прекинатата сезона во Евролигата беа пласирани на 10. односно 13. место на табелата. Челниците на двата члена на шпанската ЕНДЕСА-лига во Македонецот гледаат долгогодишно решение за плејмејкерската позиција, на кого, ако продолжи да се развива со исто темпо, дури и би можеле да заработат во иднина.

Димитријевиќ својата четврта сезона во Хувентуд ја заврши со просек од осум поени, 3,3 асистенции и 1,7 скока во шпанската лига, односно со просек од 11,9 поени, 3,9 асистенции и 1,6 скока во Еврокупот. Репрезентативец на Македонија има уште една година од актуелниот договор со составот од Бадалона, но доколку летово дојде примамлива понуда, може да се случи и да ја промени на средината, особено поради фактот што тимови што се заинтересирани за него и следната сезона ќе играат во Евролигата.