Димитриевиќ промовиран во Валенсија: Ова е посебен момент за мене (ВИДЕО)

Шпанска Валенсија денеска го промовираше македонскиот репрезентативец Ненад Димитриевиќ за свој нов член, откако плејмејкерот потпиша четиригодишен договор до 30 јуни 2025 година.

 

Димитриевиќ во Валенсија доаѓа од Хувентуд Бадалона, каде беше член од декември 2016 година и имаше просек од 10.6 поени, 1,5 скока и 3,6 асистенции во Ендеса-лигата, а 12,9 поени, 1,6 скока и 13,4 асистенции во Еврокупот.

„Благодарност до клубот за довербата што ми ја дава со четиригодишниот договор. Ова е многу посебен, прекрасен момент за мене и јас сакам да се оддолжам за сета доверба во мене. Ќе се обидам да напредувам и да ѝ помогнам на Валенсија да напредува уште повеќе, ова е голем клуб, сакам да напредувам во него. Тука сум да помогнам да победуваме, да освојуваме трофеи и навивачите да уживаат“, рече Димитриевиќ.

Почесниот претседател на клубот Пако Рага со многу комплименти го претстави македонското засилување кој ќе игра со бројот 0.

„Иако е млад, Нено веќе има искуство од играње на највисоко ниво, кое го покажа и во Ендеса лигата и во европските купови, покажа дека игра во континуитет и мислам дека беше најдобро време да го земеме, зашто има огромен талент, креативност и ја разбира играта, па секако ќе даде голем придонес во новата сезона и во иднина“, рече Рага.

Димитриевиќ се најде на удар од целата македонска кошаркарска јавност и од раководството на КФМ, како и од селекторот Драган Баиќ откако одби да игра на мундијалските претквалификации, по кои Македонија успеа да избори пласман во регуларниот квалификациски тек.