Црвена Звезда грми по поразот од Жалгирис: Скандал, грабеж, брука, срамота...

Кошаркарскиот клуб Црвена Звезда синоќа доживеа пораз од Жалгирис во шестото коло од Евролигата, а и синоќа и утринава, главна тема од тој меч е судењето.

Српскиот и АБА шампион покажа големо незадоволство поради она што се случуваше во Каунас и како главни виновници за својот пораз ги посочи тројцата арбитри. Тие имаа неколку сомнителни одлуки во клучните моменти кои влијаеја на конечниот исход. Само во последните 3-4 минути имаше три такви: лакт на Смаилагиќ над Калиниќ за што лична грешка доби играчот на Црвена Звезда, фаул во напад од Недовиќ и техничка за флопинг на Кенан во ситуација кога погоди тројка.

Прв, својот бес го истакна тренерот Сферопулос кој во текот на мечот напиша жалба за судиите, а уште синоќа Црвена Звезда со жестоко соопштение се огласи преку својата интернет страница.

„Овој 'натпревар' претставува БРУКА И СРАМОТА ЗА ЕВРОЛИГАТА!

Почнувајќи од судискиот критериум и бројните судиски одлуки, преку однесувањето на записничката маса во текот на мечот, до срамното соопштение на 'Здружението на навивачи на Жалгирис' кое претставува речиси позив на линч. Конечно, кога е пуштен часовникот пред последниот шут на Брајан Данстон во Каунас и чиј превид и срам е тоа?

Црвена Звезда веќе втор натпревар во само шест кола во Евролигата има 'судење' поради кое директно ги губи натпреварите и поради кое 'паѓаат' судиите, но и поради што директно реагираат актери во Евролигата и играчи на други клубови, карактеризирајќи ги случувањата во Каунас како 'нешто за што итно мора да се поведе сметка'“, пишува во реакцијата на Звезда.

По мечот и Никола Калиниќ беше бесен поради судиските одлуки и не ги штедеше ни арбитрите, ни Евролигата.

„Тажни сме, тажен сум бидејќи се боревме. Првото полувреме можеби не го одигравме најдобро, но мислам дека во второто ја заслуживме победата. Како и секогаш, судиите со своите одлуки го решија мечот. Не бараме некој да суди нешто за нас, само да одиграме и да видиме кој е подобар.

Треба да бидеме подобри 15 разлика за да победиме со два, не е фер. И потоа повторно ќе си платиме милион евра за да играме следната сезона и пак да не крадат судиите“, рече еден од најискусните во тимот.

И во српските медиуми преовладуваат критики на сметка на судиската тројка. Ова е вторпат во последните три кола Звезда да се жали на судењето бидејќи слично беше и на дуелот против Барселона во Белград. Тогаш и Евролига ги призна судиските грешки во својата анализа.