Барселона ќе има екстра моќен тим во Евролига - пристигна легенда на Панатинаикос!

Каталонскиот кошаркарски гигант, екипата на Барселона, договори уште едно звучно име за наредната сезона, откако денеска го договори Ник Калатес од Панатинаикос.

Калатес ќе остане во Барселона во следните три години и е едно од првите засилувања на Каталонците во новата ера под палката на Шарунас Јасикевичиус.

Искусниот плејмејкер, кој има 31 година, во изминатите пет сезони играше за грчкиот гигант. Утре Калатес треба да ги мине медицинските прегледи и да потпише тригодишен договор што ќе тежи околу 5.5 милиони евра до летото во 2023 година.

Бекот на Пао во оваа сезона во Евролигата имаше просек од 13.3 поени и 9.1 асистенција. Во кариерата играше и во НБА-лигата и две сезони од 2013 до 2015 година беше член на Мемфис.