Вајли се сели на Далечниот Исток, па нема да може да игра за Македонија!

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) најверојатно ќе мора да бара нов натурализиран кошаркар за настапите на репрезентацијата следната сезона, откако денеска е официјализиран трансферот на сегашниот Американец во жолто-црвените редови, Џејкоб Вајли, на Далечниот Исток.

Крилниот центар уште од сега потпиша договор со јапонскиот прволигаш Шига Лејкастарс, за кој ќе настапува во текот на следната сезона. Огромната далечина, а со тоа и исклучително скапите авио-билети и губењето време во пат, како и неусогласеноста на календарот со прозорците на ФИБА се причините поради кои тешко може да се очекува Вајли да може да игра за Македонија, дури и да го сака тоа. Вакво искуство сме имале во минатото, кога еден од претходните негови сонародници со македонско државјанство, Шејн Витингтон, стави крај со играњето во жолто-црвениот дрес кога се пресели во Јапонија, а претходно слична беше ситуацијата и со Ричард Хендрикс.

Вајли, кој сезоната ја почна во Будуќност, а ја доврши во шпанскиот им Реал Бетис, сепак, ќе може да ѝ помогне на четата предводена од селекторот Драган Бајиќ во јулскиот циклус од првата фаза од квалификациите за СП 2023, кога треба да играме против Шпанија (1 јули) и Украина (4 јули). Македонската селекција во моментов е на последното место со скор 0-4, но со шанси за место во втората квалификациска рунда со оглед со нејасниот статус на украинската репрезентација, која се уште го нема одиграно мечот од претходниот прозорец против „црвената фурија“.

Американецот во ноември 2020 година го доби македонскиот пасош и со својата добра игра и голема борбеност ги освои срцата на кошаркарските вљубеници кај нас, поради што ќе биде штета ако во иднина нема да може да настапува за нашиот национален тим.