Уште еден гаф на МКФ: Кошаркарскиот Суперкуп годинава НЕМА да се игра?!

Предолгото одолговлечување на луѓето од Македонската кошаркарска федерација (МКФ) како и зафатеноста на најдобрите македонски клубови со настапите во европските натпреварувања се причините поради кои Суперкупот годинава најверојатно - нема да се одигра.

За разлика од (по)сериозните европски федерации, каде што календарот и системот за натпреварување се знае и по една година однапред, во МКФ дури пред неколку дена им „текна“ дека треба да се организира традиционалната пресметка на четирите најдобри домашни екипи. Набрзина се побара мислење од МЗТ Скопје, Карпош Соколи, Работнички и од Куманово, кои според пласманот изборија пласман на ова воведно натпреварување, но заеднички јазик околу тоа кога би се одиграле средбите засега нема.

Со оглед на фактот што стартот на домашното првенство е најавен за 7 октомври и досегашната традиција Суперкупот да биде една недела претходно, главен проблем за МКФ е тоа што за МЗТ Скопје сезоната почнува веќе на 29 септември со меѓу коло три дена подоцна. „Соколите“, пак, играат во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите на ФИБА против естонски Калев на 19 и 21 септември, а ако се пласираат понатаму би играле на 24 и 26 септмеври односно 29 септември и 2 октомври. Европски обврски има и 14-кратниот шампион од „Градски парк, кој на 21 и 27 септември игра против руска Парма во воведното квалификациско коло од ФИБА Еврокупот.

Сето ова говори дека преголемото чекање на МКФ и носењето календар за натпреварување непосредно пред почетокот на сезоната ќе скапо ќе ги чини кошаркарските вљубеници односно ќе ги остави без можноста да ги видат четирите најдобри екипи во меѓусебните дуели како најава на новата сезона. Нешто што мина повеќе од солидно во последните две години, на турнирите кои се одиграа во Охрид и во скопската сала „Јане Сандански“.

Но, останува можноста дека претседателот Петар Наумоски во стилот на славниот маѓионичар Дејвид Коперфилд ќе извади некој трик од ракавот и во последен ќе успее да ја исправи кашата која се направи изминатиот период односно ќе ги услогласи потребите на четирите најдобри клуба за продолжување на традицијата наречена Суперкуп. Или, пак, ќе успее да ја извлече ситуацијата со наоѓање барем еден термин па силите да ги одмерат само шампионот и победникот на Купот на Македонија.