Третина од кошаркарската елита ќе игра во иста сала - под кирија!

На десетина дена до почетокот на новата сезона во кошаркарската Прва лига, челниците на КФМ ги информираа клубовите за тоа каде ќе се играат натпреварите од елитата, со што само ја потврдија грдата македонската реалност во делот на спортската инфраструктура.

Ваквиот заклучок доаѓа од фактот што третина од прволигашите ќе играат во иста сала, која не е во сопственост на ниту еден од нив, односно сите ја имаат улогата на кираџии. Станува збор за големиот објект во СРЦ „Кале“, кој е во владение на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), која за одредена месечна кирија ја изнајмува на четири од шесте скопски екипи што играат во најсилната конкуренција.

Во оваа сала своите натпревари ќе ги играат Работнички и ТФТ, кои и минатата сезона настапуваа во овој објект, како и Феникс и дебитантот во друштвото на најдобрите, Чаир 2030. МЗТ Скопје продолжува во „Јане Сандански“, додека Академија ФМП пак ќе игра во салата „Независна Македонија“ во населбата Кисела Вода, но под услов да ги средат недостатоците во соблекувалните за судии, каде што недостасува санитарен јазол, барем еден туш, како и доволно место за пресоблекување на тројца делители на правдата.

Екипите од внатрешноста продолжуваат во своите традиционални спортски објекти како салите „Боро Чурлевски“ во Битола (Пелистер), „Младост“ (Гостивар), кавадаречки „Јасмин“ (Еуро Никел), гевгелиски „26 април“ (Кожув) како и „Парк“ каде што ќе игра повратникот во елитата Струмица. Кошаркарите на Куманово, пак, и оваа сезона ќе ја почнат настапувајќи во училишната сала „Перо Наков“, која има минимален број седишта на двете трибини, со оглед што големата кумановска сала се уште не е реновирана односно оспособена за враќање на спортистите во најголемиот спортски објект во овој град.