Тренерот на ТФТ дел од вината за поразот од МЗТ ја префрли кај - судиите!

Кошаркарите на ТФТ не успеаја да направат нова сензација како во финалето од Купот на Македонија, кога преку МЗТ дојдоа до историскиот прв трофеј во кусата клупска историја, па вечерва убедливо загубија од истиот противник во Суперкупот на Македонија, кој втора сезона по ред се игра за пехарот „Драган Василов-Цевка“.

Тренерот на оваа екипа, Боро Смилковски, по средбата меѓу другото дел од вината за неуспехот ја префрли и кај судиската тројка.

„Тоа што треба да биде Суперкупот единствено беше оправдано од амбиентот во салата, а сигурно не го оправдаа судиите со делење на правдата како и ние со нашата игра. Успеавме да ги корегираме грешките во второто полувреме и да покажеме карактер и тоа со домашни играчи да се доближиме на пет разлика. Но, скапо не чинеше првото полувреме во кое не игравме добро, не само поради нашите грешки, туку можеби и поради судиски грешки“, изјави Смилковски.

За ТФТ ова беше прв настап во оваа традиционална средба пред новата сезона, додека за МЗТ ова е петти суперкуп-трофеј во историјата.