Тимот кој ги поврзува Илиевски, Рајковиќ и Тодоров се враќа на кошаркарската мапа!

Македонската кошаркарска Трета лига сезонава ќе биде побогата за уште еден тим, кој е наследник на некогашен второлигаш, кој во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век важеше за расадник на големи талент и во кој првите чекори ги направија многумина кои потоа имаа извонредни играчки и тренерски кариери.

Станува збор за екипата Маџари ГБ, која е реинкарнација на некогашната гордост на скопските населби Маџари, Хиподром и Триангла, но и на општина Гази Баба во целост. Постарите кошаркарски вљубеници добро го познаваат овој тим, кој никогаш не стигна до елитниот ранг, но кој беше познат како тврд второлигаш и третолигаш, против кого дури и оние најсилните не можеа однапред да сметаат на бодовите.

Во него првите играчки чекори ги направи Марјан Илиевски, поранешен кошаркар на Неметали Огражден, Куманово, Никол Ферт, Вардар, а потоа долгогодишен прволигашки тренер кој сега го предводи Пелистер. Тој е и главниот иницијатор на возобновувањето на Маџари ГБ, за што има помош од група поранешни соиграчи, кои со голем ентузијазам пристапија кон овој проект.

„Општина Гази Баба заслужува да има квалитетен кошаркарски тим, со традиција од повеќе децении. Маџари некогаш беше синоним за кошаркарскиот спорт во овој дел од градот, тим низ кој минале многу познати и признати имиња отскочна штица на голем број прволигашки играчи и тренери, а има и неколку интернационалци. Затоа сакавме да ја возобновиме оваа приказна, да ја раскажеме на помладите и да ги мотивираме и тие да ги достигнат височините на еден Рајковиќ, Тодоров, Илиевски, Стамески, но и на многу други кои минале низ овој клуб. Веќе се пријавивме за настап во Третата лига, планираме квалитетна работа со младинските селекции и се надеваме дека наскоро би можеле да затропаме и на прволигашката врата“, вели иницијаторот на целиот проект, Илиевски.

Стратегот на битолчани поддршка во својата намера има и од поранешниот македонски селектор, Александар Тодоров, кој првите шест месеци од тренерската кариера ги направи токму на клупата на некогашното Маџари, како и од новиот тренер на гигантот ЦСКА Москва, Емил Рајковиќ, кој одигра една сезона во овој клуб како позајмен кошаркар од Работнички. Тука е и Перо Стамески, стратегот на женскиот шампион Бадел 1862 година, кој тренерскиот занает го учеше како предводник на оваа екипа пред повеќе од три ипол децении.

„Сакам да им се заблагодарам на сите мои поранешни соиграчи, сегашни колеги, 'децата' кои беа дел од младинските категории на некогашната моја кошаркарска школа 'Киндер Баскет', а сегашен прволигаш ФМП, кои со задоволство и ентузијазам ја поддржаа оваа моја иницијатива и безрезервно се приклучија кон нејзина реализација. Мора да се напомене дека во целата оваа иницијатива е вклучен и првиот тренер на некогашниот КК Маџари, Зоран Голубовски - Жорга кој е назначен за почесен претседател на клубот“, дополнува Илиевски.

Маџари ГБ претстојнава недела ќе ги одржи првите тренинзи кои се отворени за сите кошаркари кои сакаат да бидат дел од својата приказна, односно кои ќе сакаат да покажат што знаат пред тренерот Ивица Палевски, кој ќе ја предводи екипата во првата сезона. Од септември, пак, во основните школи во Гази Баба ќе се почне со работата со младите, поделени во повеќе возрасни категории. Во план на амбициозната управа е и скоро формирање на женска екипа.