Шкупи најде ептен необично решение за нов тренер - Симиќ вредел за тројца!
Поранешниот репрезентативен центар повеќе од една година седеше на клупата на овој тим, кого успеа да го врати во Првата лига, но трите стартни порази со просечна негатива од 21 поен беа пресудни за негово заминување. Управата на Шкупи набрзо по прекинот на соработката со досегашниот тренер се реши за крајно необична опција – да продолжи со повеќемина први тренери на клупата.
Симиќ очигледно вредел за тројца, со оглед што во следниот период неговото место ќе го пополнат неговиот досегашен помошник, Никола Божиновски, заедно со Фаик Мифтари и Ндерим Багавци. Следен предизвик за Шкупи е дуелот против Вардар на кој ќе ја бара првата победа во сезоната, по трите порази во пресметките со МЗТ Скопје, Работнички и Чаир.