Шкупи веднаш посака да купува репрезентативци и да ја освојува - Европа!

Кошаркарите на Шкупи викендов дојдоа до историската прва победа во дебитатнскиот настап во Првата лига и тоа против вицешампионот Карпош Соколи, што драстично ги зголеми амбициите во клубот од Чаир од каде што доаѓаат шпекулации за купување репрезентативци и играње во Европа.

Според порталот „Медиал“, кој важи за многу близок до Шкупи, управата на клубот била сериозно заинтересирана во своите редови да ги доведе Дарко Соколов и Кирил Николовски, како и уште неколку други странски засилувања. Според пишувањата на медиумот, разговорите биле почнати, но биле во почетна фаза.

Згора на тоа, победата над „соколите“ придонела аспирациите на чаирчани да пораснат до желба дури и за настап во Европа следната сезона и тоа во Лигата на шампионите или во ФИБА Еврокупот. Тие дури би сакале да играат и во АБА-лигата, која според нив е лига на балканските држави.

Последните информации велат дека шансите Шкупи да дојде до ангажман на Соколов и Николовски се речиси еднакви на нула со оглед што тие се пред потпис со МЗТ Скопје односно со Работнички. А, европските аспирации зависат од крајниот учинок на тимот што значи дека тие треба да заредат победи во Првата лига, да почнат да се искачуваат на табелата па дури потоа да побараат шанса да играат во натпреварувањата на ФИБА. А, за настап во АБА, според актуелните правила, тоа засега можат да го остварат само во сон.

Шкупи во моментов има скор 1-6 и е на делба на последното место на табелата заедно со Струмица, Кожув и со Пелистер.