Сензационален пресврт: МЗТ Скопје прокоцка предност од 20 поени и загуби во Гостивар!

Кошаркарите на Гостивар извојуваа сензационална победа во вечерашната пресметка против МЗТ Скопје (67-64), откако направија фантастичен пресврт во последната четвртина од средбата, која ја добија со дури 18 поени разлика (26-8).

Актуелниот шампион кој знае по кој пат прокоцка огромна предност, но тоа првпат му се случува на домашна сцена. Избраниците на тренерот Жељко Лукајиќ успеаја да загубат меч во кој три четвртини доминираа во секој сегмент од играта и имаа предност од дури 20 поени (43-23). Но, сино-белите како прерано да почнаа да ја слават победата, па дозволија во четвртиот период да примат повеќе поени отколку во цело прво полувреме во кое гостиварци реализираа само 23 поени.

Домашните кошаркари фанатично ги одиграа последните десет минути, кога носени на крилјата на френетичната публика остварија речиси нестварна серија 19-2. Јунак во таборот на Гостивар беше ветеранот Диме Тасовски, кој средбата ја заврши со 23 поени и дури пет украдени топки, а реализира пет од шест слободни фрлања во клучната пенал-завршница кога се решаваше победникот.

Поранешниот репрезентативец беше единствен со двоцифрен поентерски ефект кај гостиварци, каде што блескаше и Ивица Димчевски со девет поени и десет скока, а ист поентерски учинок имаа и Јурај Сегариќ и Андреј Магдевски. Џордон Крафорд со 13 поени и Јуре Лалиќ со 12 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје.
За составот од Аеродром ова беше петти пораз сезонава во Првата лига во мечот од 17. коло со кој и дефинитивно се прости со шансите за втората позиција пред Суперлигата. Гостивар, пак, дојде до скор 11-6 и се изедначи со Куманово  на делба на четвртата позиција на табелата.

Фото: basketball.mk