Екипата на на МЗТ Скопје, која настапи со преполовен тим во кој најдобрите добија одмор, лесно и убедливо го совлада МЗТ Скопје УНИ Банка (108-77), во првиот меч во историјата на македонската кошарка помеѓу две екипи од ист клуб.

Аеродромци сезонава се изборија за право покрај шампионскиот да играат и со талентите од младинската школа, кои минатата сезона беа најдобри во Втората лига, што им донесе уникатна можност каква што досега немало во елитата. Тренерот Ѓорѓи Кочов ја искористи можноста да ги одмори Џабари Хиндс, Нуни Омот, Дамјан Стојановски и Марко Симоновски, што и не се почувствува на теренот, ниту во крајниот исход од средбата.

„Штркчињата“ кои настапуваат предводени од Горан Крстевски повторно не се посрамотија и покрај убедливиот пораз, покажувајќи дека пред нив е светла иднина. Ќе остане запишано дека тие излегоа како подобри по првата четвртина, која ја добија со 24-22. Потоа работите си дојдоа на свое место, за втор триумф во домашниот шампионат, а вкупно петти по ред на МЗТ Скопје сезонава вклучувајќи ја и АБА2-лигата.

Андреј Маслинко со 27 поени и 15 скока беше најдобар во сениорскиот состав на шампионот, Андреј Магдевски беше веднаш зад него со 21 поен и осум асистенции, додека Кристијан Николов дополни со 19 поени, четири поени и пет асистенции. Леонид Тодоровски со 19 и Борјан Стојановски со 15 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје УНИ Банка.

Останатите средби од втората прволигашка рунда се играат викендов. Утре силите ќе ги одмерат Вардар и Кожув (17.30 часот), Еуроникел и Пелистер (18 часот) и Академија ФМП и Куманово (19 часот) додека дербито помеѓу Работнички и Гостивар се игра в недела од 18 часот.