Решија последните 15 минути: МЗТ го освои Куманово и се изедначи на врвот со Работнички!

Кошаркарите на МЗТ Скопје, како гости, нешто потешко од очекувањата го совладаа тимот на Куманово (87-80) во последниот меч од 3. коло од Суперлигата по кое се повторно изедначени со Работнички на врвот од табелата со идентичен учинок 20-3.

Пресудно за триумфот на „металците“ беше одличната игра во последните 15-тина минути, кога ја направија клучната предност. Кумановци ја имаа играта и предноста, која кон средина на третата четвртина изнесуваше и плус седум (60-53), по што следеше серија 14-2 (67-62) на сино-белите од Скопје со која повторно ја презедоа иницијативата која ја имаа во најголем дел од првото полувреме.

Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов кон средина на последниот период дојдоа и до највисоката предност 82-69, со што ставија крај на сите надежи на домашните дека може да направат изненадување.

Дарко Соколов со 21 поен беше најпрецизен во тимот на МЗТ Скопје, додека Предраг Самарџиски реализира 19, а Дамјан Стојановски 16 поени. Филип Думиќ со 22 и Бранислав Ѓекиќ со 19 поени беа најефикасни кај Куманово.

ТАБЕЛА: Работнички 20-3, МЗТ Скопје 20-3, Гостивар 17-6, Блокотехна 16-7, Кожув 12-11, Куманово 11-12.