„Сите сакаат финале со Работнички, но со кого и да играме ќе дадеме – сѐ од себе!“

Кошаркарите на МЗТ Скопје максимално го искористија подарокот што, условно, го добија од Академија ФМП по нивната вчерашна сензационална победа над Пелистер, па со ангажирана игра без потценување далеку полесно од очекувањата пред завршницата дојдоа до големото финале од Купот на Македонија.

Аеродромци за разлика од денеска, кога настапија само 19 часа по синоќешниот дуел со Куманово, ќе имаат повеќе време за одмор од евентуалниот противник, што во вака неизвесни пресметки би можело да биде и од клучно значење. Тренерот Дарко Радуловиќ знае дека цела спортска јавност сака финале МЗТ-Работнички, но за него не е важен противникот туку фактот неговите момци да дадат сѐ од себе без разлика против кого играат.

„Честитки за ФМП за нивниот историски успех со пласманот во полуфиналето, со што покажаа дека имаат квалитет. Противникот добро почна, но успеавме да ја смениме насоката во правец кој нас ни одговара. Поправивме некои сегменти каде што грешевме вчера. Сега ќе го следиме второто полуфинале во кое ќе настапат две исклучително искусни екипи, па која и да победи од нив, утре ќе гледаме квалитетно финале. Јавноста секогаш сака вечно дерби, но за мене е најважно да се подготвиме најдобро што можеме и да бидеме подобри и од денес. Имаме долга клупа и квалитет, ако сите си ја работат улогата може да бидеме закана за сите. Денеска имавме помалку време за одмор, за утре ќе имаме повеќе, но тоа се нијанси кои не би требало да бидат значајни во вакви дуели“, изјави Радуловиќ.

За предводникот на ФМП, Александар Петровиќ, неговите момци изгореле во желбата за уште една сензација.

„Не одговоривме на нивната преагресивна одбрана, немавме течност во нападот, не се движеше топката. Можеби изгоревме во желбата да изненадиме уште еден силен противник. Им честитам на моите момци за одличното претставување на клубот во Купот. Нема да се предадеме и во плејофот, нема што да изгубиме. Ова е млад тим, а денеска немавме доволно расположени играчи. Презадоволен сум од нивната работа во текот на сезоната. Следно одиме во Битола и продолжуваме понатаму, без предавање“, изјави Петровиќ.

Противник на МЗТ во утрешното финале (17.30 часот) ќе биде подобриот од вечерашниот дуел помеѓу Работнички и Еуро Никел (19.30 часот).